Lesson 12Можете да бидете сигурни дека тоа наскоро ќе се случи - неверојатни илјада години кои ќе настапат по Христовото враќање. Ѓаволот не сака да знаете за неговото 1000 годишно ропство, затоа што тогаш ќе биде откриен неговиот вистински карактер. Всушност, тој има своја лажна верзија за милениумот, сè со цел да ве измами! Ова проучување е неверојатно и фасцинантно кое целосно ќе го затресе сето она што досега сте го верувале! Преку него ќе ги дознаете неверојатните библиски вистини за претстојниот милениум.
1. Кој настан го означува почетокот на овој илјадагодишен период?
"Тие оживеаја и царуваа со Христос илјада години." Откровение 20:4.
Одговор: Илјадагодишниот период започнува со воскресението.
Илјадагодишниот период започнува со воскресението на праведниците.
2. Како се нарекува ова воскресение? Кој ќе има удел во ова воскресение?
"Тоа е првото воскресение. Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение." Откровение 20:5,6.
Одговор: Ова воскресение е познато како прво воскресение. Во ова воскресение ќе земат удел праведниците - благословените и светите.
Илјадагодишниот период завршува со воскресението на злите.
3. Библијата учи дека постојат две воскресенија. Кога ќе се случи второто воскресение и кој ќе има удел во него?
"А другите мртовци (оние што биле зли) не оживеаја додека не се навршија илјада години." Откровение 20:5. "Не чудете се на тоа, зашто доаѓа часот во кој сите што се во гробовите ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат од нив; оние што правеле добро, ќе воскреснат за живот, а оние што правеле зло, ќе воскреснат за осудување." Јован 5:28,29.
Одговор: Второто воскресение ќе се случува на крајот од илјадагодишниот период. Во ова воскресение ќе земат удел злите. Тоа исто така се нарекува воскресение за осудување.
Молиме забележете: Илјадагодишниот период започнува со воскресението на праведните, а завршува со воскресението на злите.
Разурнувачки земјотрес и голем град ќе ја зафатат земјата при второто Христово доаѓање. Тогаш праведниците од сите векови ќе бидат земени на облаците за да се сретнат со Исуса.
4. Кои други поважни случувања ќе се одвиваат на почетокот од илјадагодишниот период?
"Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око." Откровение 1:7. "Зашто Самиот Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христос ќе воскреснат први. Потоа ние живите кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, за да Го сретнеме Господа во воздухот." 1. Солунјаните 4:16,17. "И настана голем земјотрес, каков што никогаш не бил откако се луѓето на земјата; таков голем и толку силен земјотрес." "И сите острови исчезнаа, и горите веќе не се најдоа. А голем град, тежок околу еден талант, падна од небото врз луѓето (се проценува дека тежи од 28 до 50 килограми)" Откровение 16:18,20,21. (Види исто Еремија 4:23-26; Исаија 24:1,3,19,20: Исаија 2:21.)
Одговор: Други поважни настани со почетокот на милениумот се: силен земјотрес како никогаш порано и големо невреме со огромен град ќе ја зафатат земјата; Исус се враќа на облаците за да си ги прибере своите; и така сите светии се земени во воздух за да се сретнат со Исуса.
Злите кои живи ќе се затекнат при второто Христово доаѓање ќе бидат уништени од Неговата слава.
5. Што ќе се случи со злите (живите и мртвите) при Христовото второ доаѓање?
"Со зборот од устата Своја ќе ја порази земјата, со дишењето на устата Своја ќе го убие нечесниот." Исаија 11:4. "Кога ќе се јави Господ Исус од небото, со Своите силни ангели, во пламенен оган, за да им се одмазди целосно на оние кои не Го познаваат Бога." 2. Солунјаните 1:7,8. "Така да загинат грешниците од лицето Божјо." Псалм 68:2. "А другите мртовци не оживеаја додека не се навршија илјада години." Откровение 20:5.
Одговор: Злите кои ќе се затекнат живи при второто Христово доаѓање ќе бидат уништени од самото Негово присуство. Кога ангел се појавил крај Исусовиот гроб, цела група на римски војници испопаѓале како мртви (Матеј 28:2,4). Од силната светлина на славата на ангелите, на Таткото и на Исус, злите ќе бидат уништени како да биле погодени од гром. Злите пак кои ќе почиваат во своите гробови кога Христос ќе дојде по втор пат ќе останат таму сè до свршетокот на овој илјадагодишен период.
За време на милениумот праведните ќе бидат на небо заедно со Исуса.
6. Мнозина веруваат дека оние што не се спасени ќе имаат можност да се покајат за време на милениумот. Што вели Библијата за ова?
"А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата." Еремија 25:33. "Гледам - и ете, нема човек." Еремија 4:25.
Одговор: Не е возможно за никого да се покае за време на милениумот, затоа што тогаш нема да има живи на земјата. Праведните тогаш сите ќе бидат на небо. Сите зли ќе бидат мртви распослани по целата земја. Стихот во Откровение 22:11,12 јасно зборува за тоа дека случајот на секого ќе биде затворен пред второто Христово доаѓање. Оние коишто чекаат да донесат одлука за да го прифатат Христа до почетокот на милениумот ќе чекаат премногу долго.
Земјата во една опустошена и мрачна состојба ќе претставува бездна во која што сатаната ќе биде присилен да остане за време на милениумот.
7. Библијата вели дека сатаната ќе биде врзан во бездна за време на овој период од илјада години. Што претставува таа бездна?
"И видов ангел кој слегуваше од небото и го имаше во својата рака клучот од бездната....Тој го фати змевот, старата змија, кој е ѓаволот и сатаната, го врза за илјада години, па го фрли во бездната....додека не се навршат илјада години. Откровение 20:1-3.
Одговор: За зборот бездна во оригиналниот грчки јазик овде е употребен зборот "abussos" или "abyss". Истиот овој збор се користи во грчката верзија на Стариот завет во Битие 1:2 во врска со создавањето на земјата. "Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната." Во обата стиха зборот "abyss" се однесува на една иста работа - на земјата во својата целосна мрачна и дезорганизирана состојба уште пред Бог да воспостави ред на неа. Еремија опишувајќи ја земјата за време на овој период, ги користи скоро истите термини како и во Битие 1:2 "разорена и пуста", "нема светлина", "нема човек", "темнина". Еремија 4:23,25,28. Значи за време на милениумот опустошената, мрачна земја со никаков живот на неа, ќе се нарекува бездна, или амбис исто како што било и на самиот почеток пред да биде завршено нејзиното создавање. Во Исаија 24:22 исто така се зборува за сатаната и за неговите ангели дека ќе бидат "собрани како затвореници во затвор" и "заклучени во темнина".
8. Што претставува веригата со којашто е врзан сатаната? Зошто е врзан?
"И видов ангел кој слегуваше од небото и го имаше во својата рака клучот од бездната и голема верига. Тој го фати....сатаната, го врза за илјада години, па го фрли во бездната и ја заклучи и запечати над него, за да не ги мами народите додека не се навршат илјада години." Откровение 20:1-3.
Одговор: Веригата е симболичка - верига на околности. Духовно суштество не може буквално да биде врзано во вериги. Сатаната е врзан затоа што нема кого да мами. Сите зли се мртви а праведните се наоѓаат на небесата. Бог го врзува сатаната на оваа земја за да не може да беснее низ универзумот за да измами некого. Ваквата состојба за сатаната ќе биде најтешката верига која што некогаш била направена.
ПРЕГЛЕД НА НАСТАНИТЕ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ НА ПОЧЕТОКОТ ОД МИЛЕНИУМОТ:- Страшен земјотрес и голем град (Откровение 16:18-21 Откровение 6:14-17).
- Исус доаѓа по втор пат по Својот народ (Матеј 24:30,31).
- Воскреснуваат праведните мртви (1. Солунјаните 4:16,17).
- Праведните добиваат бесмртност (1. Коринтјаните 15:51-55).
- Праведните добиваат тела слични на Христовото (1 Јован 3:2 Филипјаните 3:21).
- Сите праведни земени на небото (1. Солунјаните 4:16,17).
- Живите зли ќе бидат уништени од Господовиот здив (Исаија 11:4).
- Мртвите зли остануваат во гробовите до крајот на милениумот (Откровение 20:5).
- Исус ги зема праведните на небо (Јован 13:33,36 14:1-3).
- Сатаната врзан (Откровение 20:1-3).
9. Во Откровение 20:4 се вели дека за време на милениумот на небото ќе има суд. Зошто е тој суд и кој ќе земе учество во него?
"И видов престоли, а на оние кои седеа на нив им беше дадено да судат; ... тие оживеаја и царуваа со Христос илјада години." Откровение 20:4. "Или не знаете ли дека светиите ќе му судат на светот?... Не знаете ли дека ние ќе им судиме на ангелите!" 1. Коринтјаните 6:2,3.
За време на милениумот сите праведни ќе земат учество во судот на небото.
Одговор: Праведните од сите векови (а најверојатно дури и добрите ангели) ќе земат учество во судот кој ќе се одвива за време на милениумот. Ќе бидат разгледани случаите на сите загубени, вклучувајќи ги тука и ѓаволот со неговите отпаднати ангели. На овој суд на спасените јасно ќе им биде предочен животот на загубените и причините зошто тие не се спасени. На крајот, сите ќе увидат дека нема да бидат спасени само оние кои не сакале да живеат како Исус или кои не сакале да бидат со Него.
ПРЕГЛЕД НА НАСТАНИТЕ И УСЛОВИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МИЛЕНИУМОТ:- Земјата уништена од големиот град и страшниот земјотрес (Откровение 16:18-21 6:14-17).
- Земјата потполно мрачна, налик на бездна (Еремија 4:23,28).
- Сатаната со неговите ангели присилен да остане на земјата (врзан) (Откровение 20:1-3).
- Праведните на небото имаат учество во судот (Откровение 20:4).
- Сите зли се мртви (Еремија 4:25 Исаија 114).
За време на милениумот, секој кој било кога живеел на земјата ќе биде на едно од следниве две места: (1) на земјата, мртов и загубен, или (2) на небо, ќе учествува на судот. Господ ве повикува да бидете со Него на небо. Ве молиме прифатете го Неговиот повик.
Светиот град заедно со Божјиот народ, ќе се спушти на земјата на крајот од милениумот.
10. На крајот од милениумот Светиот Град, Новиот Ерусалим, ќе се спушти на земјата. Кој ќе биде во него? Каде ќе биде поставен?
"Тогаш го видов Светиот Град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото, од Бог, ....И чув како еден силен глас од престолот вели: "Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето и Тој ќе живее со нив; и тие ќе бидат Негов народ, а Самиот Бог ќе биде со нив." Откровение 21:2,3. "Ете, настапува денот Господен." "И ќе застанат нозете Негови на Маслинската Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Маслинската Гора од исток кон запад со многу голема долина...и ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него." "Целата таа земја ќе биде како рамнината од Гаваон до Ремон, јужно од Ерусалим." Захарија 14:1,4,5,10.
Одговор: Новиот Ерусалим ќе се настани на Маслинската Гора. Планината ќе се расцепи и ќе се создаде рамно тло, на коешто ќе се спушти новиот град. Праведните од сите векови (Захарија 14,5), небесните ангели (Матеј 25,31), Бог Таткото (Откровение 21:2,3) и Бог Синот (Матеј 25:31) ќе се вратат на земјата со светиот град, а тоа ќе се случува за време на третото Христово доаѓање. Неговото второ доаѓање ќе биде за Неговите светии а Неговото трето доаѓање ќе биде со Неговите светии.
Исус доаѓа три пати:
1. Првиот пат дошол во Витлеемската штала.
2. Вториот пат ќе дојде на облаците на почетокот на милениумот за да си ги собере Своите на небо.
3. Третиот пат доаѓа, со светиот град и со сите праведни на крајот на милениумот.
11. Што ќе се случува со злите во тоа време? Какви последици ќе има сето тоа за сатаната?
"А другите мртовци не оживеаја додека не се навршија илјада години." "А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, и ќе излезе да ги мами народите по четирите краишта на земјата." Откровение 20:5,7,8.
Одговор: На крајот на милениумот (кога Исус ќе дојде по трет пат) ќе бидат воскреснати злите. Тогаш сатаната ќе биде пуштен и повторно ќе има полни раце работа да ги мами сите што ќе бидат на земјата.
Откако светиот град ќе се спушти, злите од сите векови заедно со сатаната како нивни водач ќе се обидат да го освојат градот.
12. Што ќе направи сатаната во тоа време?
"Сатаната...... ќе излезе да ги мами народите по четирите краишта на земјата,.... за да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок. И излегоа на земната ширина и го опкружија логорот на светиите и омилениот град." Откровение 20:7-9.
Одговор: Сатаната, својствено на неговата природа, веднаш ќе почне да ги лаже луѓето што останале на земјата - злите од сите векови. Веројатно ќе тврди дека градот е негов, дека тој неправедно бил исфрлен од Божјето царство, дека Бог е злобен и алчен за моќ, и дека се подготвува да ги збрише од земјата со страшен оган. Ќе ги убеди дека доколку се обединат ќе можат да го поразат Бога. Ќе изгледа дека со целиот свет против градот, победата е сигурна. Тогаш сите нации ќе се обединат и заеднички со сите расположиви сили ќе тргнат против градот.
Кога злите од сите векови ќе го опколат светиот град, Господ ќе ги уништи со оган што ќе падне од небото.
13. Што ќе биде тоа што ќе го осуети планот на сатаната да го уништи и освои градот?
"И падна оган од небото и ги проголта. А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во езерото од оган и сулфур..... тоа е втората смрт." Откровение 20:9,10; 21,8. "И ќе ги газите нечестивите, оти тие ќе бидат прав под стапалата на нозете ваши во тој ден, што Јас ќе го приготвам, вели Господ Саваот." Малахија 4:3.
Одговор: Одеднаш оган ќе падне одозгора од небото (не одоздолу од пеколот, како што мнозина веруваат) врз злите и сите во миг ќе бидат претворени во пепел, вклучувајќи ги ѓаволот и неговите ангели (Матеј 25:41). Огнот што ќе ги уништи гревот и грешниците се нарекува втора смрт. Од оваа смрт нема воскресение. Таа е завршна смрт од која нема враќање. Забележувате дека ѓаволот нема да биде оној што ќе управува со огнот, како што обично се верува. Тој ќе биде во огнот, и со тоа ќе му се стави крај на неговото постоење.
14. Каков величествен настан ќе следува откако злите ќе изгорат и огнот ќе згасне?
"Ете, Јас создавам ново небо и нова земја." Исаија 65:17. "А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, каде суштествува праведноста." 2. Петрово 3:13. "Оној Кој седи на престолот, рече: Ете, правам сè ново." Откровение 21:5. "Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето и Тој ќе живее со нив; и тие ќе бидат Негов народ, а Самиот Бог ќе биде со нив." Откровение 21:3.
Кога огнот ќе згасне, Бог ќе создаде прекрасна нова земја, во која што светиот град ќе биде главен град, и ќе му биде дадена на Божјиот народ. Ве молиме одлучете сега да бидете таму.
Одговор: Бог ќе создаде ново небо и нова земја, а новиот Ерусалим ќе биде главен град на обновената земја. Гревот со сета негова одвратност ќе биде збришан засекогаш. Божјиот народ најпосле ќе го прими царството што му беше ветено. "Тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат." Исаија 35:10. Премногу убаво за да се опише! Премногу величествено за да се пропушти! Премногу близу за нас за да бидеме несигурни! Бог подготвува место и за тебе (Јован 14:1-3). Тој смета на тебе. Исус чека на твојата согласност.
ПРЕГЛЕД НА НАСТАНИТЕ НА КРАЈОТ ОД МИЛЕНИУМОТ :
1. Исус доаѓа по трет пат заедно со Своите светии (Захарија 14:5).
2. Светиот Град се спушта на Маслинската гора, којашто се претвора во голема рамница (Захарија 14:4,10).
3. Таткото, ангелите, и сите праведни доаѓаат со Исуса (Откровение 21:1-3 Матеј 25:31 Захарија 14:5).
4. Воскреснуваат злите сатаната одврзан (Откровение 20:5,7).
5. Сатаната го прелажува целиот свет (Откровение 20:8).
6. Злите го опколуваат светиот град (Откровение 20:9).
7. Злите се уништени со оган (Откровение 20:9).
8. Создадени се ново небо и нова земја (Исаија 65:17 2. Петрово 3:13 Откровение 21:1).
9. Божјиот народ ужива во вечноста со Христа на обновената земја (Откровение 21:2-4).
МИЛЕНИУМОТ ОД ОТКРОВЕНИЕ 20-та глава |
НАСТАНИ ЗА ВРЕМЕ НА МИЛЕНИУМОТ |
1. Земјата уништена, пуста, и мрачна. 2. Сите зли се мртви на земјата. 3. Сатаната врзан на оваа земја. 4. Праведните судат на небото.
| |
ПРВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ _________________________ НА ПОЧЕТОКОТ НА МИЛЕНИУМОТ | | ВТОРОТО ВОСКРЕСЕНИЕ _________________________ НА КРАЈОТ НА МИЛЕНИУМОТ | 1. Страшен земјотрес и голем град. | | 1. Исус доаѓа по трет пат со светиите. | 2. Исус доаѓа по втор пат по светиите. | | 2. Светиот град се спушта на Маслинската гора, а таа станува рамница. | 3. Праведните мртви воскреснуваат. | | 3. Таткото, ангелите и сите праведници доаѓаат со Исуса. | 4. Праведниците добиваат бесмртност. | | 4. Воскреснуваат мртвите зли и сатаната е ослободен. | 5. Праведните добиваат тела како Христовото. | | 5. Сатаната ги мами сите народи. Тие го опколуваат светиот град. | 6. Сите праведни земени на облаците. | | 6. Злите уништени со оган. | 7. Живите зли уништени од Божјето присуство. | | 7. Создадени ново небо и нова земја. | 8. Мртвите зли остануваат во своите гробови. | | 8. Божјиот народ ужива во вечноста со Исуса. | 9. Исус ги зема праведните во рајот. | | | 10. Сатаната врзан. | | | |
15. Можеме ли да знаеме колку скоро ќе се врати Исус по Својот народ?
"Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, на прагот е!" Матеј 24:33. "А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и поткренете ги главите, зашто наближува вашето откупување." Лука 21:28. "Зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата, и брзо ќе го исполни." Римјаните 9:28. "Кога ќе велат: "мир и безбедност", тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив, како породилни маки врз бремена жена, и не ќе можат да избегаат." 1. Солунјаните 5:3.
Одговор: Исус рекол кога ќе видиме забрзано исполнување на знаците, како што тоа е случај денес, треба да се радуваме и да знаеме дека Неговото доаѓање наближува - и дека е скоро пред врата. И апостол Павле кажал дека ќе знаеме оти се ближи кога ќе има големо глобално движење за мир. Конечно Библијата вели дека Бог брзо ќе го исполни својот збор (Римјаните 9:28). Без сомнение, живееме во позајмено време. Господ ќе дојде одненадеж и неочекувано - во час кој никому не му е познат, освен на Бога (Матеј 24:36; Дела 1:7). Наша единствена сигурност е да бидеме подготвени.
16. Јас дефинитивно планирам да живеам во прекрасниот дом кој Исус ми го подготвува на небо.
Одговор:
Твоите Прашања Одговорени
1. Колку време ќе помине од моментот на спуштањето на светиот град на земјата до моментот кога злите ќе бидат уништени со оган од небото?
Библијата вели дека тоа ќе се случува за кратко (Откровение 20:3). На сатаната ќе му биде дадено доволно време за да ги наговори народите да го прифатат неговиот план и да подготви оружје за конечен напад. Во Библијата не е откриено точното време.
2. Какви тела ќе имаат спасените во новото Божјо царство?
Библијата вели дека спасените ќе имаат тела исто како и Исусовото (Филипјаните 3:21). Исус имал вистинско тело од месо и коски по Своето воскресение (Лука 24:36-43). Спасените нема да бидат духови. Тие ќе бидат вистински луѓе, како што биле Адам и Ева на почетокот.
3. Дали Библијата кажува каква ќе биде реакцијата на загубените при второто Христово доаѓање?
Да. Библијата вели дека ќе им речат на планините и камењата "Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде големиот Ден на Неговиот гнев, и кој може да се одржи?" Откровение 6:16,17. (Види исто 14 и 15 стих.) Од друга страна праведните ќе речат: "Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој ќе нè спаси! Тој е Господ." Исаија 25:9.
4. Дали по спуштањето на светиот град злите ќе бидат во состојба да ги видат праведните внатре во градот?
Најверојатно ќе можат да ги видат. Библијата вели дека градот ќе биде чист како кристал (Откровение 21:11, 18). Праведните ќе можат да ги видат злите (Псалм 37:34), а исто така и злите ќе можат да ги видат праведните (Лука 13:28). Ова значи дека во тоа време ќе се сретнат многу тажни погледи помеѓу спасените од исти семејства внатре во градот и загубените надвор од него. Болката и тагата ќе бидат преголеми за да можат да се опишат со човечки јазик.
5. Библијата вели дека Бог ќе ја избрише секоја солза од очите на Својот народ и нема да има повеќе смрт, тага и болка. Кога ќе се случи ова?
Читајќи во Откровение 21:1-4 и Исаија 65:17, изгледа дека ова ќе се случи по уништувањето на гревот и грешниците. За време на конечниот суд и уништувањето со оган, Божјиот народ ќе има многу причини за длабока жал. Сфаќањето дека нивни пријатели и роднини се загубени и дека луѓето што ги сакале биле уништени во огнот, несомнено ќе предизвика голема болка, тага и солзи кај Божјиот народ. Но откако огнот ќе згасне, Господ ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Тогаш Тој ќе создаде ново небо и нова земја за Својот народ, што ќе им донесе неопислива радост и исполнување. Тогаш тагата и болката ќе исчезнат засекогаш.
6. Какво влијание ќе има врз Таткото и Синот уништувањето на злите луѓе и ангели?
Несомнено ќе почувствуваат олеснување и голема радост што конечно ќе биде очистен гревот и вселената ќе биде сигурна. Исто така е сигурно и тоа дека ќе почувствуваат длабока жал и тага со оглед на тоа што мнозина од оние што ги љубеле - и за коишто Исус исто така умрел - избрале да останат во грев и да го отфрлат спасението. И самиот сатана некогаш бил нивен близок пријател, како и мнозина од оние што ќе бидат уништени во огнот. Исто како и преживувањето на агонијата кога би ја гледале егзекуцијата на еден од своите злобни синови. Гревот уште од самата негова појава претставува огромен товар и за Таткото и за Синот. Нивната цел отсекогаш била да ги љубат луѓето и нежно да ги привлечат кон сапсението. Нивните чувства се опишани во Осија 11:8. "Како да постапам со тебе, Ефреме? Како да те предадам, Израиле?... Се возбуди срцето Мое во Мене, затрепери утробата Моја од жалост."
7. Какво тело има Исус?
Неговото тело е од месо и коски. По Неговото воскесение, Исус се појавил пред Своите ученици (Лука 24:36-43) и пред сите покажал дека не е дух со тоа што им кажал дека е од месо и коски, дозволувајќи им и самите да се уверат во тоа, и со тоа што јадел риба и мед..
Исус се вознесува
Тој потоа отишол заедно со нив во Витанија, и додека разговарал со нив, се вознел на небото (Лука 24:49-51). Ангелот што им се покажал на учениците во моментот кога Исус се вознесувал им објаснил дека: "Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што го видовте да оди на небото." Дела 1:11.
Истиот Исус ќе се врати
Ангелот потенцирал дека истиот Исус (од месо и коски) ќе дојде повторно. Тој ќе биде вистински, а не дух, а воскреснатите и трансформираните светии ќе имаат исти тела како и Неговото (Филипјаните 3:21 1. Јован 3:2). Телата на светиите исто така ќе бидат нераспадливи и бесмртни (1. Коринтјаните 15:51-55).
Квиз прашања
1. Означете ги настаните кои ќе се случуваат на почетокот на милениумот од Откровение 20 глава: (10)
_____ Второто Исусово доаѓање.
_____ Земјотрес и град.
_____ Воскресение на мртвите праведни.
_____ Сатаната врзан.
_____ Живите зли уништени.
_____ Праведните добиваат бесмртност.
_____ Се спушта светиот град.
_____ Праведните однесени во рајот.
_____ Мртвите зли остануваат во своите гробови.
_____ Праведните добиваат тела како Исусовото.
_____ Праведните земени на облаците.
_____ Исус влегува триумфално во новиот Ерусалим.
2. Секој жив на земјата ќе го види Исуса при Неговото второ доаѓање. (1)
_____ Точно.
_____ Неточно.
3. Праведните ќе имаат духовни тела во рајот. (1)
_____ Точно.
_____ Неточно.
4. Кои од следниве изјави во врска со милениумот се точни? (2)
_____ Ќе се обратат многу грешници.
_____ Сатаната и неговите ангели ќе бидат присилени да останат на земјата.
_____ Сатаната ќе биде врзан поради тоа што нема да има телевизија за да гледа.
_____ На земјата ќе биде светло и сончево за време на овој период.
_____ Сатаната ќе ги воскресне злите од гробовите за да му прават друштво.
_____ Праведните ќе бидат на небо, земајќи учество во судот.
5. Кои од следниве изјави се точни во врска со крајот на милениумот? (4)
_____ Христос ќе дојде по петти пат.
_____ Светиот град ќе се спушти во околината на Вашингтон.
_____ Со Исуса ќе дојдат Отецот и ангелите.
_____ Ќе воскреснат злите.
_____ Исус ќе дојде
со Своите светии.
_____ Бог ќе одлучи воопшто да не ги воскресне злите.
_____ Злите ќе бидат уништени од гневот на лошите ангели.
_____ Бог ќе создаде ново небо и нова земја.
_____ Бог ќе го прогони сатаната до најоддалечените делови на вселената.
_____ Ѓаволот со моќни и модерни ракети ќе го уништи светиот град.
6. Веригите со кои ќе биде врзан ѓаволот ќе (3)
_____ Бидат симболични - вериги на околностите.
_____ Го присилат да остане на земјата.
_____ Бидат изработени од нов, многу цврст метал.
_____ Бидат скршени од ѓаволот во рок од 24 часа.
_____ Го спречат да не го искушува Божјиот народ, кој ќе биде на безбеден на небото.
7. Кои изјави во врска со бездната се вистинити? (2)
_____ Тоа е голема дупка длабоко во внатрешноста на земјата.
_____ Значи
амбис.
_____ Се однесува на земјата - мрачна и обезличена.
_____ Тоа е уште еден назив за пеколот.
8. Кои изјави се вистинити во врска со првото, второто и третото Исусово доаѓање? (3)
_____ Неговото прво доаѓање беше во Витлеем како бебе.
_____ Првото доаѓање се случи во Ноево време.
_____ Второто доаѓање беше во времето на Мартин Лутер.
_____ Второто доаѓање ќе се случи на почетокот на милениумот.
_____ Третото доаѓање ќе биде на крајот од милениумот.
_____ Третото доаѓање ќе се случи после создавањето на новата земја.
9. Смртта со која ќе умрат злите во огненото езеро е втората смрт. (1)
_____ Точно.
_____ Неточно.